Атрактивната трка со магариња, која традиционално секоја година се одржува во Стојаково по повод Денот на трудот 1 Мај и денеска беше магнет за голем број гости од општините Гевгелија и Богданци да им се придружат на локаните жители и да уживаат во богатата празнична програма.
Покрај трката со магариња, во рамки на спортската програма стојачани организираа трка со коњи, трки на 100 метри за јуниори и сениори, на 100 метри за девојки, 3000 метри за сениори, трка со велосипеди, натпревар во влечење јаже и трка со вреќи, а за забавниот дел од програмата во празничното претпладне се погрижи една локална музичка група.
Организаторите обезбедија парични награди за првопласираните тројца натпреварувачи во секоја трка. Изразија задоволство од посетеноста и ветија дека овој благодет што пред многу години им го оставиле старите, ќе го прославуваат и во иднина.