Германија и европските партнери очекуваат целосно нормализирање на односите меѓу Србија и Косово во обврзувачка форма на договорот, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер во интервју за весникот „Коха диторе“.
Шефот на германската дипломатија истакна дека затоа од Србија и Косово се бара подготвеност на компромис, пренесува Танјуг.
– Косово и Србија ги поврзува перспектива за членство во ЕУ. Кој сака во Брисел да се занимава со европска политика треба да има средени и јасни односи со соседите, нагласи Штајнмаер.
Тој додаде дека за време на дијалогот е постигнат историски напредок меѓу Косово и Србија, но и понатаму има отворени прашања кои треба брзо да се разјаснат.
Штајнмаер денеска ќе ги посети Белград и Приштина, при што „ќе ги инспирира властите во Србија и Косово да покажат подготвеност за компромиси и одлучност“.