Чешкото Министерство за надворешни работи го отфрли официјалното барање на руските власти за асистенција при обезбедувањето на премин низ земјата на руските мотоциклисти, членови на клубот „Ноќни волци“, јави дописникот на МИА од Прага.
Според Министерството, настанот е од приватен карактер и учесниците мора индивидуално да побараат дозвола за престој и поминување низ земјата од надлежните органи на Чешка.
– Со оглед на датумот на планираниот премин ќе биде многу тешко барањата да бидат навреме остварени, се наведува во соопштението на чешкото МНР.
Претходно, Полска соопшти дека нема да дозволи поминување на „Ноќните волци“ низ нивна територија поради тоа што немаат прецизни информации за движењето и распоредот на мотоциклистите и не можат да ја гарантираат нивната безбедност.
Руските мотоциклисти, членови на Федерацијата за мото-туризам најавија дека по повод 70-годишнината од победата над нацистичка Германија ќе организираат свечено возење од Москва до Берлин, каде треба да стигнат на 9. мај, на Денот на победата.
Според планираната маршрута треба да поминат низ Белорусија, Полска, Словачка, Австрија и Чешка.
„Ноќните волци“ се познати по блиските врски со рускиот претседател Владимир Путин, по нивната поддршка на анексијата на Крим и на проруските сили кои се борат во Источна Украина.