На 24-ти април (петок) беа одржани првите едукативни предавања кои се дел од проектот „Младите во движење“ кој го спроведува ПЕД „Закамен“.
Предавањата на тема „Биолошката разновидност на планината Јабланица“ ќе бидат одржани во средните училишта „Нико Нестор“ и „Др. Ибрахим Темо“, се со цел да се подигне еколошката свест кај младите за зачувување на природните богатства на планината Јабланица.
Во склоп на проектот ќе бидат поделени памфлети за промоција на настанот. Исто така, предвиден е и младински еколошки камп кој ќе се организира во с.Горна Белица на крајот од месец мај. Тука младите директно ќе бидат запознаени со шумските плодови, печурките и лековитите билки кои изобилуваат на планината Јабланица, нивно правилно собирање и заштита, а за крај е планирано и составување на хербариум. Учесниците на кампот директно ќе можат да посведочат и за последиците од нелегалната сеча во овие предели. Проектот ќе заврши со планинарски марш чија цел е да се покрене иницијатива за ставање крај на пустошењето на шумите и бесправната сеча со кои континуирано се уништуваат нашите природни богатства.