Во два денешни воздушни напади во Јемен загинаа најмалку 40 лица, од кои повеќето се мирни жители. Десетици други се ранети, информираа медицински извори, цитирани од британските медиуми.
Еден од нападите бил изведен врз мост во централната провинција Иб додека по него минувале автомобили со членови на милицијата, соопштија локални жители. Во овој напад загинале најмалку 20 лица, главно цивили.
Вториот воздушен напад бил изведен врз зграда на силите за безбедност во градот Харад, во близина на границата со Саудиска Арабија. Во него загинале 13 цивили и седуммина војници.
Саудиска Арабија и нејзините сунитски арапски сојузници пред еден месец ја почнаа воздушната операција во Јемен, во обид да ги ослабнат шиитските бунтовници од племето Хуси, кои се сојузници на Иран.