Загадувањето на подземните води од септичките јами е основен проблем во руралните региони во Источна Европа, Кавказ и Централна Азија, а водата за пиење во балканските села е проблематична, особено доколку се користи од бунари или, пак, селските водоводи се снабдуваат од артерски бунари. Ситуацијата е малку подобра доколку водоводот доаѓа од планина.
Ова се главните заклучоци од Завршната конференција на проектот „Развивање план за безбедна вода и санитација на руралните средини“ што во изминатите 16 месеци го спроведе НВО Жени од Европа за заедничка иднина (WECF) во Македонија и Романија. Во Македонија поректот се реализира во општините Јегуновце и Арачиново, поточно во селата Вратница, Јажинце, Арачиново, Мојанце и Орланце, а локален партнер им беше НВО Новинари за човекови права (НЧП). Проектот се спроведуваше со учениците во основните училишта, наставниците, населението и локалната самоуправа.
– Резултатите од тестирањето на водата за пиење од независната мобилна лабораторија на WECF покажаа дека водата во општина Арачиново е стопроцентно загадена и во неа има повеќе од 36 колифорни бактерии. Во училиштата во оваа општина има прекин на водоснабдувањето секој ден, а учениците се принудени да пијат флаширана вода иако сите не се во состојба секојденвно да ја набавуваат. Локалната самоуправа се обидува да ја пречисти водата од артерските бунари, но нема доволно средства и не се хлорира, изјави Наташа Доковска од НЧП, нагласувајќи дека во селата во општина Јегуновце водата за пиење е многу почиста бидејќи доаѓа од Шар Планина.
Таа посочи дека анкетите што ги спровеле покажале дека наслението во општина Арачиново, меѓу кои и училишните деца, се стопроцентно свесни за состојбата со водата, а општинските власти потенцирале дека сакаат да сторат нешто, но оти немаат доволно пари.
– Нас не запрепасти тоа што во село Мојанце е изградено ново основно училиште кое не се користи бидејќи нема вода и не е поврзано на водоводот. За состојбите покрај локалната самоуправа веќе е алармиран и Институтот за јавно здравје, рече Доковска.
Раководителот на проектот, Бистра Михајлова од НВО Жени од Европа за заедничка иднина (WECF) истакна дека користењето на септичките јами во руралните средини многу ја загадува подземната вода која потоа се користи за пиење.
– Посебен проблем е во училиштата каде децата се речиси цел ден и им е неопходна чиста и здрава вода за пиење и тоалети со хемиски и биолошки исправна вода. Нешто е подобро кога снадувањето е од водоводи, но и таму водата е матна и содржи честички. Општо земено водата за пиење во селата е подобра и почиста доколку директно доаѓа од планина, изјави Михајлова.
Како основни препораки за заштита од недоволно исправната вода за пиење во селата, Михајлова ги истакна информирањето и образованието на населението и вклучување на државните институции во решавањето на проблемот.
– Државните институции на Балканот некогаш реагираат брзо на нашите препораки, а некогаш не во зависност од државата или раководителот на институцијата. Кога институциите ги согледуваат и прифаќаат проблемите полесно е да се најде решение. Тоа го покажува и моето искуство од проектите кои досега сум ги раководела, порача Михајлова.