Претседателот на Нигерија Гудлак Џонатан им порача денеска на Обединетите нации дека на неговата земја нема да и биде потребна помош од меѓународни сили во борбата против Боко Харам.
Претседателот во заминување изјави дека наместо тоа сака ОН да се фокусираат на обновување на заедницата и помош на загрозените во шестгодишното насилство на исламистите.
Џонатан, после средбата со специјалните претставници на генералниот секретар на ОН за западна и централна Африка Мохамед Чанбас и Абдула Батили, рече дека нигериската војска, со помош на силите на Чад, Нигер и Камерун, во последните месеци повторно ги зазеле повеќето градови и села во државите Борно, Адамава и Јобе, кои претходно беа окупирани од исламистите.
Нигериската војска „покрена конечен удар да го заземе последното упориште на бунтовниците во шумата Самбиса“ во државата Борно, прецизира Џонатан.
Се смета дека токму во таа шума припадниците на Боко Харам ги држат повеќето од 219 ученички, киднапирани пред една година во Чибок.