Во рамки на манифестацијата Велес – град на културата, вечерва пред велешката публика и вљубениците во поетскиот израз ќе се претстави охридскиот поет Славе Ѓорго Димоски, со неговата книга „Ткаења“.
Станува збор за книга во која е направен пресек на целото досегашно поетско творештво на Димоски. Во Велес ќе се читаат извадоци од неговите највпечатливи поетски видувања, а осврт на поетскиот опус на Димоски ќе направи книжевниот критичар Бранко Цветкоски.
Славе Ѓорѓо Димоски е роден на 18 март 1959 година во охридското село Велестово. Основно училиште учел во Велестово и Лескоец, а гимназија во Охрид. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Основач е и долгогодишен раководител на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, а сега е претседател на Управниот одбор на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“.
Во досегашното мошне богато творештво Димоски зад себе има десет стихозбирки, четири книги за деца, три книги есеи, осум изданија со избор негови стихови, две антологии, а негови поединечни песни и поетски циклуси се преведени на англиски, француски, руски, малезиски, српски, романски, турски, албански, шведски, шпански, чешки, хрватски, словенечки, полски, азерски, украински, бугарски, германски, хебрејски, арапски италијански, грузиски, ерменски, монголски јазик.
Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот од 1982 година наваму.
Славе Ѓорѓо Димоски е добитник на бројни награди и признанија меѓу кои наградите „Млад борец“, „Млада Струга“, „Златно Јаболко“, „Браќа Миладиновци“, „Гран-при на Европа“ во Романија, „Златна Есен – Сергеј Есенин“ во Русија, а двапати е лауреат на највисокото општинско призније – „Св Климент Охридски – патрон на Охрид“.