Нефункционалните институции, партизираното судство и полиција, разореното ткиво на општеството и коруптивното владеење создаваат амбиент во кој младите стануваат први жртви. Тие не добиваат шанса да се развиваат во согласност со нивните потреби и лесно им подлегнуваат на девијантните и криминалните тенденции во општеството, реагираше ЦИВИЛ по престрелката во Тетово во која загина 22- годишно момче, а уште десет други се повредени.
Според ЦИВИЛ, овие трагични настани се последица од долгогодишното занемарување на обврската да се спроведат доследни и одржливи мерки за контрола на оружјето.
„Порастот на употреба на оружјето е последица од култот кон оружјето особено меѓу младите, а за тоа се одговорни токму владините политики и практики. Со години наназад се негува култот кон насилството преку образованието и културата, а општата клима во општеството ги поттикнуваат мотивите за насилно решавање на проблемите меѓу луѓето. Нервозата и тензиите на сите нивоа и во сите сфери на секојдневието создаваат амбиент во кој поседувањето и фаталната употреба на оружјето се сфаќаат како нормален, па дури и единствен начин да се надминат разликите и конфликтите“, се вели соопштението.
ЦИВИЛ бара сериозни акции во сферата на контролата на оружјето, почнувајќи од собирање на нелегалното и строга контрола врз лиценцираното оружје и едукација за надминување на култот кон оружјето.
„Тоа не може да се постигне без јакнење на довербата на граѓаните во институциите и владеење на правото, што во овие услови изгледа практично невозможно. Малубројните активности на институциите во оваа насока останаа само козметички обиди да се затскрие тажната реалност во која живеат младите и општеството во целос“, стои во соопштението.
ЦИВИЛ апелира граѓаните да дадат свој придонес кон надминување на култот кон оружјето, со тоа што ќе го негуваат дијалогот и ненасилството, а оружјето ќе го протераат од своите животи.
„Тоа мора да биде така, бидејќи во услови кога институциите не функционираат, граѓанките и граѓаните треба да се потпрат врз сопствените ресурси. Граѓанските организации мора да се стават на располагање и да ги понудат своите ресурси за да се изнајдат решенија и мерки за залечување на општеството од овие крвави навики“ се вели во соопштението во кое ЦИВИЛ изрази и сочувство до сите семејства на жртвите од оруженото насилство.