Главниот обвинител на меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, Серж Брамерц, при дводневната посета на Белград се сретна со претседателот на Националниот совет за соработка Расим Љајиќ.
Љајиќ и Брамерц се согласиле дека соработката меѓу Србија и Обвинителството на Трибуналот во областа на доставување документација, пристапот до архивите на државните органи и сведоците, како и сите технички аспекти на соработката е на високо ниво и дека нема отворени прашања.
Соговорниците разговарале и за истрагата за трговија со човечки органи во Косово.
Брамерц вели дека без разлика што Обвинителството на Трибуналот нема надлежност за овој случај, пружа поддршка за спроведување темелна истрага која ќе доведе до утврдување на вистината и казна за одговорните.
Се разговарало и за поединечни постапки кои во моментот се водат пред Трибуналот.
Брамерц се состана и со премиерот и министерот за полиција на Србија Ивица Дачиќ, а во вторник попладне ќе разговара и со обвинителот за воени злосторства Владимир Вукчевиќ. Најавена е средба и со вицепремиерот и министер за одбрана Александар Вучиќ.
Посетата на Брамерц во Србија е последна пред неговиот извештај пред Советот за безбедност на ОН за соработката меѓу Србија и Трибуналот во Хаг.