Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ од Скопје денеска во Капитол мол заедно Црвениот крст организираше Велигденски хуманитарен базар.
На базарот се продаваа рачно изработени велигденски корпи, а преку активностите и поддршката од посетителите се подигна самодовербата на учениците, бидејќи придонесоа за задоволување на некои од потребите на своето училиште.
„Димитар Влахов“ заедно со Црвениот крст на град Скопје во моментов е вклучен во проектот „Сподели светлина“ чиј што покровител и донатор е фармацевтската компанија Рош.
– Во рамките на оваа програма нашите ученици, заедно со волонтери од Рош и Американското катче ќе изработуваат мали проекти преку кои ќе придонесат за општото добро во одреден сегмент од заедницата. Преку сето ова учениците со оштетен вид се ставаат во улога на волонтери и докажуваат дека и тие имаат способности и вештини, можат и сакаат да бидат хумани и да им помогнат на сите на кои им е неопходна помош, изјави Горанчо Јакимов, директор на училиштето „Димитар Влахов“.
Пoддршка за проектот „Сподели светлина“ и за денешниот хуманитарен базар даде и фармацевтската компанија „Рош“.
Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје 60 години опстојува како единствена установа во Македонија која се занимава со образование и воспитание на децата и младинците со оштетен вид на возраст од 6 до 18 години.
Во рамките на државното училиште функционира основно, средно стручно образование, како и ученички дом. Во средното стручно образование, покрај образовниот профил графичар, функционираат и уште два образовни профили, физиотерапевт-масер и манипулант на телефонска централа. Програмите според кој се следи наставата и во основното и во средното образование се идентични според целите и содржините, како и во редовните училишта, но се користат поинакви наставни средства и помагала.