Турција сака да ја обезбеди не само својата енергетска безбедност, туку и да придонесе за безбедноста на Европа, изјави турскиот министер за Европска унија Волкан Бозкар, во Будимпешта, каде вчера се одржа средба за енергетска безбедност на која учествуваа уште и министрите за надворешни работи на Унгарија, Србија, Македонија и Грција, информира турскиот сајт Хаберлер.
-Турција е транзитна земја, која нуди кратка, надежна и оддржлива енергетска маршрута меѓу земјите производители и земјите потрошувачи, истакна министерот Бозкар.
Тој додаде дека со својата динамична економија и своите нараснати енерегетски потреби Турција е меѓу најважните енергетски консументи во регионот.
-Обезбедувајќи ја својата посакувана енергетска безбедност, Турција се стреми да придонесе и за енергетската безбедност на Европа, подвлече Бозкар.
Министерот напомена дека на 17. март претседателите на Турција, Азербејџан и Грузија во турскиот округ Карс ги поставија темелите на Трансанадолскиот гасовод ТАНАП – главен дел од Јужниот гасен коридор, по кој треба да се транспортира природниот гас од азербејџанското наоѓалиште Шах Дениз, во Касписко Море, до срцето на Европа.
Бозкар подвлече дека Турција, истовремено, им придава важност и на своите енергетски врски со Русија.
Министерската средба во Будумпешта даде можност за размена на мислења за перспективите за учество во проектот „Турски поток“, предложен како алтернатива на „Јужен поток“, од кој Русија во декември минатата година се откажа.