Користењето на канабис, екстази и кокаин е во пораст во Франција, според првите резултати од барометарот за Здравјето за 2014 година, објавен од страна на Француската опсерваторија за дроги и токсикоманија и Националниот институт за здравствена превенција и воспитување, јавува дописникот на МИА од Париз.
Канабисот или марихуаната е најкористениот забранет производ во Франција, кој го експериментирале најмалку еднаш во нивниот живот 42 отсто од испитаните на возраст од 18-64 години во 2014 година.
Дури 11 проценти од испитаните изјавиле дека зеле канабис во текот на 2014 година, а нивниот број бил 8 отсто во 2010 година. Порастот на потрошувачите на канабисот се зголемува посебно кај жените на возраст од 18 до 40 години и кај мажите на возраст од 18 до 55 години. Максималното ниво на користење на канабисот е достигнато кај младите на возраст од 18-25 години, каде дури 34 проценти од мажите и 23 отсто од жените ја користеле оваа дрога, а во 2010 година нивниот број бил 29% и 17%.
Растот на потрошувачката се должи според испитувањето на „развојот на понудата“, но исто така и на „самокултивирањето“ на дрогата, но исто така и на „смолата“ од канабис, во која стапката на ТХЦ (активната состојка на производот) е во силен пораст.
Раст е забележан и во потрошувачката на хемиски дроги, посебно во контекст на прослави и на работно место, пред се на екстази во форма на таблетки или во форма на пудра и кристал. Оваа дрога ја експерементирале 4,3 отсто на лицата на возраст од 18-64 години.
Нејзиното користење во текот на годината помина од 0,3% во 2010 на 0,9% од испитаните во 2014 година. Најмногу оваа дрога ја трошат младите на возраст од 18-25 години, меѓу кои дури 3,8% изјавиле дека земале, додека 1,3% кај тие на возраст од 26-34 години.
Кокаинот го експериментирале 5,6% од лицата на возраст од 18-64 години најмалку еднаш во својот живот во 2014, во 2010 нивниот број беше 1,2%. Нешто повеќе од 1% ја зеле оваа дрога во текот на годината, наспроти 0,9% во 2010. Потрошувачката на кокаин е поголема кај лицата на возраст од 18-25 години, дури 3,1% и 2,2% кај тие на возраст од 26-34 години.
Испитувањето покажува дека експериментирањето со хероинот, халуцигените печурки или ЛСД е многу помало во споредба со другите дроги, чија потрошувачка кај населението не е поголема од 0,2%.
Во ова испитување беа опфатени 15 000 лица на возраст од 15-75 година испитувани меѓу декември 2013 и мај 2014 година. Овие испитувања се вршат секои пет години во Франција.