Република Џибути одби да го прими на своја територија поранешниот претседател на Јемен Али Абдула Салех, јави денеска телевизијата Ал Арабија.
Јеменскиот министер за надворешни работи Ријад Јасин изјави дека Владата во Џибути ги известила јеменските власти дека повеќе пати добивала барање да прифати на своја територија „мал приватен авион, сопственост на нафтената компанија, со која патувале Али Абдула Салех и неколу лица, од неговото блиско опкружување“.
Било испратено барање властите да го одобрат слетувањето на приватниот авион и неговото полетување од Џибути во непознат правец. Властите во Џибути го одбиле ова барање.
Според последните информации поранешниот претседател се уште се наоѓа во земјата, но ја напуштил Сана, по почетокот на операцијата „Решавачка бура“, предводена од Саудиска Арабија.
Шефот на претседателската администрација Мухтар ал Рахиби изјави дека Салех се наоѓа во неговото родно село Бејт ал Ахмар во планинскиот регион Санхан, на неколку десетици километри од Сана.
Салех ја напушти претседателската функција во 2012 година, согласно договорот за национално помирување по бранот масовни протести во целата земја.