Лисабон и Луксембург се на последно место на листата градови во Европа кои најсупешно се борат против воздушното загадување, додека на прво место се Цирих и Копенхаген, објави германската филијала на организацијата за заштита на животната средина Пријатели на земјата.
Меѓу 23 градови, претежно од западна Европа, лошо котираат и Даблин, Глазгов, Мадрид и Рим.
Лисабон и Луксембург сториле најмалку во забраната на големите загадувачи на воздухот во патниот сообраќај, во вклучувањето во јавниот сообраќај на автобуси на чисти горива и други видови превоз, во давањето економски поттик за намалување на загадувањето на воздухот, како и на промовирање на јавниот преоз, пешачењето и користењето велосипед.
Овие градови далеку заостануваат зад Цирих и Копенхаген, во кои бројот на автомобилите е значително намален и постојат ограничувања за големите загадувачи како што се дизел возилата, камионите и градежните машини.
Користејќи го американскиот систем на школско оценување, Цирих добил оценка Б плус, а Копенхаген и Виена, Б.
Стокхолм добил Б минус, Берлин Ц, додека Хелсинки, Лондон, Париз и Штутгард Ц минус.
Амстердам и Грац се оценети со Д плус, а Дизелдорф, Лион и Брисел добија оценка Д. Барселона, Милано и Прага се оценети со Д минус.
Даблин, Мадрид, Рим и Глазгов добија Ф, но е оценето дека ситуацијата во нив во однос на воздушното загадување е сепак подобра, отколку во Лисабон и Луксембург.