Северна Кореја им се закани на ОН со „безпоштедна казна“, доколку Високиот комесаријат за човекови права отвори претставништво во Сеул, пренесоа француксите медиуми.
Севернокорејската Комисија за мирно обединување на татковината, што е државна агенција одговорна за меѓукорејските односи, се пожали на претстојното отворање на претставништво на Високиот комесаријат во Сеул и истото го нарече „непростлива провокација“.
Ова претставништво ќе биде „приоритетна цел за изведување напади“, предупреди Пјонгјанг.
Во мај 2014 година ОН соопштија дека ќе отворат таква канцеларија во Сеул, откако истражната комисија на светската организација го објави извештајот во кој злосторствата на Пјонгјанг беа изедначени со оние на нацистите, на апартхејдот и на Црвените кмери.
Во севернокорејски кампови во последните 50 години загинале стотици илјади политички затвореници, изјавија истражителите на ОН.
Се очекува ова претставништво на Високиот комесаријат за човекови права во Сеул да биде отворено следниот месец.
На 22 декември Пјонгјанг беше жестоко критикуван во Советот за безбедност на ОН, на првото заседание посветено на почитувањето на човековите права во Северна Кореја.
САД притоа го обвинија комунистичкиот режим дека неговите граѓани живеат во кошмар, напоменаа американските медиуми.