ВИДЕО: Гласачите во Центар ќе му пресудат на ГТЦ

Од:

Со одлуката која ја донесе на денешната седница Советот на Општина Центар се предвидува на 26-ти април да се одржи референдум на кој граѓаните ќе го дадат финалниот збор за изгледот на еден од најрепрезентативни објекти во Скопје, Градскиот трговски центар.

Референдумот ќе се одржи од 07.00 до 19.00 часот. За да биде успешен треба да гласааат половина од вкупниот број гласачи во општината. Одлуката, пак, за зачувување на ГТЦ ќе се смета за донесена доколку за неа гласале мнозинството од граѓаните што изглегле да гласаат.

Пред одлучувањето, Советот водеше исцрпна дискусија во која советниците од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ја оспорат иницијативата иако велеа дека не се против референдум.

Дел од аргументите со кои се служеше коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ беа дека за изгледот на ГТЦ треба да се одлучува на ниво на цела земја, дека во спротивно Општината излегува од своите ингеренции и дека иницијативата за распишување не треба да ја дава градоначалникот или Советот, туку потписите на 20 проценти од граѓаните во Центар.

– Дали Општина Центар има право да си го припише ГТЦ кога знаеме на кој начин е изграден и дека се работи за средства од повеќе државни фирми? Доколку се изјаснуваа граѓаните треба да биде на поширокот ниво. Не сме против референдум, но објектот е во интерес на целата држава и сите граѓани треба да се изјаснат – рече координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров.

Илија Илијовски, од истата советничка група, пак, рече дека референдумот треба да го предложат со потписи 20 отсто од жителите на Општината, а не советниците, затоа што, иако постои можност Советот да одлучува за распишување, сепак, рече, поголема тежина имаат потписите на граѓаните.

– Кој ни дава право на нас да распишеме референдум? Немаме право за тоа. Предлагам да се поведе постапка за собирање потписи и 20 отсто од граѓаните на Центар да се потпишат пред да се распише референдумот – рече Илијовски.

Првиот аргумент го поби Даница Павловска, од иницијатива „Го сакам ГТЦ“, која рече дека Градскиот трговски центар не е изграден со пари од државата, туку со со средства од солидарниот фонд за изградба на Скопје после земјотресот.

Градоначалникот, Андреј Жерновски и советниците од неговата коалиција реплицираа на останатите аргументи прашувајќи ги своите колеги зошто не побарале референдум кога се носеа одлуките за проектот „Скопје 2014“.

– Можноста на Советот му ја дава Законот за градење според кој Советот одлучува за изгледот на фасадите кај објекти кои се од интерес на општината или Градот. Зошто не ги прашавте граѓаните кога ги носевте одлуките за „Скопје 2014“, истата логика требаше да ја примените и тогаш. Градено е со пари на граѓаните од целата држава. Одлуката за споменици и фасади ја носеше Советот на Општина Центар, тогаш требало да се размислува зошто Советот ги носи овие одлуки, а не граѓаните од цела земја. Не може да се предлага референдум кога ви одговара, а да се игнорира кога не ви одговара – рече градоначалникот.

Референдумот ќе се спроведе со средства од буџетот на Општината за 2015 година. Градоначалникот рече дека овие средства се веќе испланирани во посебна ставка од буџетот. Би требало спроведувањето да чини околу 2,5 до 3 милиони денари, но тоа, рече Жерновски, е ништо во споредба со милионите евра кои инаку би се потрошиле за барокната реконструкција на ГТЦ.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

МВР потврди: 55 годишна е жената која падна од терасата на ГТЦ

Анита Петровска Рајковиќ

Жена се фрли од терасата на ГТЦ – момче се обидело да ја спречи, но не успеало

Анита Петровска Рајковиќ

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

ГТЦ лани издвоил 1,3 милиони евра за струја и 2022 ја завршил со минус од 645.000 евра

A1on

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски