Најмалку 45 цивили се убиени, а 65 повредени при воздушен напад врз бегалски камп во северозападниот дел на Јемен, соопшти Меѓународната организација за миграција.
Меѓу загинатите во бегалскиот камп Ал-Мазрак во провинцијата Хаџа има деца и жени.
Според претставникот на организацијата „Лекари без граници“, Пабло Марко, во бегалскиот камп веројатно има уште загинати лица.
Јеменскиот министер за надворешни работи Ријад Јасин за нападот ги обвини Хутите.
– Експлозијата во бегалскиот камп не е предизвикана од воздушен удар извршен од безбедносните сили, туку е резултат на артилериски напад од страна на шиитските бунтовници, нагласи Јасин.
Авиони на коалицијата на арапски земји, предводена од Саудиска Арабија, веќе пет дена напаѓаат позиции на шиитските бунтовници Хути.
Погодениот камп во 2009 година почна да прима жители на Јемен, кои се раселени поради судирите меѓу Хутите и владините сили. Канцеларијата на ОН соопшти дека во изминатите два дена во кампот пристигнале 500 нови семејства.