Најмалку 15 цивили се убиени, а 30 повредени во бегалски камп во северозападниот дел на Јемен при воздушен напад на коалицијата, предводена од Саудиска Арабија.
Меѓу загинатите има деца и жени.
– Во болницата Харад се донесени 15 тела и 30 повредени. Болницата се наоѓа во близина на бегалскиот камп Ал-Мазрак во провинцијата Хаџа, изјави претставникот на организацијата „Лекари без граници“, Пабло Марко.
Според него, во бегалскиот камп веројатно има уште загинати лица.
Авиони на коалицијата на арапски земји, предводена од Саудиска Арабија, веќе пет дена напаѓаат позиции на шиитските бунтовници Хути.
Погодениот камп во 2009 година почна да прима жители на Јемен, кои се раселени поради судирите меѓу Хутите и владините сили. Канцеларијата на ОН соопшти дека во изминатите два дена во кампот пристигнале 500 нови семејства.