Директорката за „Завод и музеј“ не знае колку ќе чини проектот на Плаошник

Од:

Директорката на Завод и музеј – Охрид, Тања Паскали – Бунташеска не знае колку ќе чини целосната сума на грандиозниот проект кој неколку години се гради на Плаошник. Откако охридската опозиција на последната седница на Советот на Општина Охрид праша колкава ќе биде финалната сума за огромните градби околу црквата кај Плаошник, Бунташеска одговори дека не може да каже колку ќе чини комплетната финансиска конструкција.

Не можам да кажам точно колку ќе чини комплетната финансиска конструкција. Не е ни во моја надлежност. Морам да нагласам дека се уште се работат проектите за ентериер на објектите. Не се сработени, не се направени потребните предмери и јас не можам да ја извадам вкупната сума и да манипулирам со одредена сума. Кога ќе ја имам таа сума, ќе ви кажам. Во моментов можам да кажам колку ќе чини карабината. Друг податок не можам да дадам затоа што нема тоа да биде официјален податок – рече Бунташеска.

Таа додаде дека се уште тендерите не се распишани за останатите фази и дека истите од септември се планира да се распишат за изработка на останатите фази како прозори, инсталации, ентериер, па тек тогаш ќе можела да изнесе некоја целосна вредност за Плаошник.

gruevski-buntaseska

Премиерот Никола Груевски во 2008 година истакна дека проектот ќе биде готов за година и половина од тогаш, а директорката во 2015 година вели дека допрва треба да се распишат нови тендери. Иако директорката на Завод и музеј – Охрид не одговори колку ќе чини целиот проект кај Плаошник, Груевски во 2008 година рече дека таа сума ќе биде околу шест милиони евра.

Проектот трае година и пол и веројатно ќе трае уште толку. Се работи за три годишен проект во кој вкупно ќе бидат инвестирани 6 милиони евра и задоволни сме што работите одат добро – рече Груевски во 2008 година кога го посети локалитетот Плаошник.

Инаку, деновиве на градбите кај Плаошник почна да се поставува кровната конструкција на објектите кои по препораките на УНЕСКО требаше да бидат намалени во висината и катноста, а требаше да биде намален и бројот на истите.

Бунташеска рече дека градбите немало да ја нарушат автентичноста на локалитетот и дека биле направени опсежни археолошки истражувања. Таа додаде дека допрва објектите ќе се оформуваат и ќе се види самата архитектура на објектите.

Ф.Ј.

Би можело да ве интересира

Претреси во Охрид поради лихварство и изнуда, уапсено е само едно лице

Тешко повредена малолетничка во сообраќајка во Охрид

Орбан пристигнува во дводневна официјална посета на земјава-посебен сообраќаен режим во Охрид

Горан Наумовски

Безбедносни мерки и посебен сообраќаен режим во Охрид поради посетата на Орбан

Пожар во угостителски објект во центарот на Охрид

Катерина Ѓуровски

Две момчиња се тешко повредени во сообраќајка во Охрид