Анализа: Десницата победи на департманските избори, но тоа ништо не менува на национално ниво во Франција

Од:

Департманските избори во Франција и донесоа на десницата убедлива победа, но тоа не менува ништо во политиката на национално ниво, иако дојде до длабок потрес во односите меѓу традиционалната десница, Националниот Фронт и социјалистичката левица која од 2012 година до вчера ги имаше речиси сите нивоа на власт, анализира а дописникот на МИА од Париз.

Вчера беше одржан само вториот круг од департманските избори, но во некои департмани ќе биде потребен уште еден „трет круг“ на гласање при изборот на претседателот на департманското собрание и создавањето на департманското мнозинство, што може да донесе мали изненадувања.

Поразот на социјалистите, кои се соочуваат со тешка економска ситуација по доаѓањето на власт во 2012 година и неможноста да ги исполнат нивните предизборни ветувања, ги наведе да водат политика која очигледно Французите ја отфрлија на трите избори (европските, општинските и департманските).

Во прв план на овие избори како предводник на социјалистите се најде премиерот Мануел Валс. Неговата „социјално-либерална“ доктрина на прелименарните претседателски избори во Социјалистичката партија, беше поддржана само од шест отсто од членството. Неговата доктрина со назаначувањето за премиер,  стана предоминантна во владата, но таа тешко поминува кај коалиционите партнери (зелените), кај дел од тенорите на социјалситичката партија, а да не зборуваме за крајната левица.

Ако при првиот круг тој покажа добар отпор, во вториот Валс ја изгуби контрола врз 33 департмани, од освоени 59 во 2011. Ова не е бродолом за Социјалистичката партија, но нејзиниот брод пушта вода од сите страни. Таа успеа да преземе од десницата само еден департман. Левицата нема да раководи со речиси ниту еден рурален департман. Тие загубија и многу симболични упоришта на левицата меѓу кои Корез, изборното место на Франсоа Оланд и Есон, департманот каде се наоѓа Еври чиј градоначлник беше токму Мануел Валс.

Со намалувањето на бројот на своите претставници во департманските собранија, Социјалистичката партија ќе изгуби на своето влијание кај избирачите, но ќе има и помалку средства во буџетот.

На крајот од годинава се очекуваат и регионалните избори, каде поразот може да биде уште потежок за левицата. Нејзината политика на социјал-демократија очигледно не поминува кај Французите. Недостигот на резултати на политиката на штедење и реформи наметната од владата на Мануел Валс, дел од избирачите на левицата ја чувствуваат како „предавство“  или како „објава на војна“ од крајната левица. Заклучокот од овие избори е дека „центарот на левицата“ барем засега нема политичка иднина во Франција.

Со освојување на 66 департмани, поранешниот претседател и сега нов лидер на УМП, Никола Саркози се наметнува како главен лидер на десницата, кој и недостигаше по поразот во 2012 година. Сојузот меѓу УМП со партите од центарот ги претворија во прва политичка сила во Франција, што не е изненадување бидејќи Франција традиционално е десно ориентирана. Новината е во тоа што Никола Саркози и даде повторно видливост на десницата. Поранешниот шеф на државата по враќањето на партиската лидерска функција започна да го освојува теренот, вешт во предизборната кампања, залагајќи се за линијата „Ниту социјалисти, ниту Национален Фронт“, држејќи се за линијата на остра безбедносна и антиимиграциона политика, која е омилена кај традиционалните гласачи на десницата и со тоа го пресече изворот на гласови за Националниот Фронт.

Никола Саркози ќе се излаже ако поверува дека овие избори и победата на десницата му го отворија патот кон Елисејската палата во 2017 година. Во самата УМП има два лути против кандидати Алан Жупе и Франсоа Фијон, тој може да ја добие поддршката од партиското членство, но не и пошироко, а како негативен биланс е и неговиот петгодишен мандат како претседател.

Националниот Фронт на Марин Ле Пен, голем победник на европските избори во 2014 година, на прв поглед е големиот губитник на департаманските во 2015 година. Крајно десничарската партија не успеа да освои ниту еден департман, но таа успеа да се вкорени во речиси сите француски департмани. Таа забележа победа во 40-тина кантони, со околу стотина избрани департмански советници и со 24,4% од гласовите партијата е третата политичка сила во Франција, а во некои региони таа е прва.

На југот од Франција, во Вар и Воклуз, Националниот фронт е доминантна политичка сила, која се уште не знае да доминира. Слична е ситуацијата и на северот од Франција. Влијанието на партијата се зголемува и во градовите каде сега се градоначалници се од нејзините редови. Симболичната победа не се случи, но „бранот на Марин“ и понатаму се засилува. Лидерката на партијата, Марин Ле Пен во 2017 година ќе игра првостепена улога во претседателските избори, во кои може според сите предвидувања да се најде во вториот круг.

Од своја страна претседателот Франсоа Оланд се наоѓа како „опседнат“ во Елисејската палата. Убеден со Мануел Валс дека нивната политика, конечно ќе вроди плод, дека економскиот раст ќе се врати и со тоа ќе се намали невработеноста, ги наведува да не менуваат ништо. Но ако резултатите не се почувствуваат пред декември годинава, регионалните избори сигурно ќе му одѕвонат крај на надежите на Франсоа Оланд во 2017 година да биде повторно избран за претседател на Франција.

Би можело да ве интересира

Марин Ле Пен и 26 лица обвинети за финансиска измама која траела со години

Горан Наумовски

ВИДЕО: Голема поплава во Кан, водата носеше автомобили

Париз блокиран: Илјадници луѓе протестираат

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

Протести низ Франција против именувањето на Мишел Барние за премиер

Макрон го назначи Барние за шеф на владата