Во градинката „Весели цветови“ во општина Кисела Вода денеска ќе биде одржан првиот од низата настани за промовирање почит кон различностите.
Преку креативни работилници, театарски претстави, музика и спортски активности децата и нивните семејства ќе се запознаат со „Дружината МЕЛА“ – тоа се четири лика кои беа осмислени како дел од наставната програма за поттикнување на децата на предучилишна возраст да научат како да ги почитуваат етничките, културни, верски и родови различности како и различностите што се должат на способности.
Истражувањата покажуваат дека уште на двегодишна возраст децата почнуваат да го градат својот идентитет, ставови и предрасуди. Тие се често одраз на семејниот контекст и контекстот на заедницата во која живеат, како и на видот на лични и социјални соодноси.
Десет градинки ја пилотираат новата наставна програма и учебните материјали кои се базираат на „Дружината МЕЛА“ благодарение на иницијативата на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Владата на Обединетото Кралство.
Целта на овие активности е да се допре до родителите, семејствата и пошироката заедница. Настанот што се организира овој викенд е прв од вкупно десет настани што ќе се огранизираат во општините вклучени во овој проект. Во текот на април и мај слични активности ќе има во Гази Баба, Чаир, Куманово, Тетово, Гостивар, Кочани, Кичево, Битола и Охрид.
На денешниот настан во „Весели цветови“ ќе учествуваат претставници на Министерство за труд и социјална политика, на ИНИЦЕФ, на општина Кисела Вода и на невладината организација Консултации и истражувања во областа на раниот детски развој.