Советникот на ЛДП во Советот на општина Битола, Валентин Груевски, бара да се стопира планот на ВМРО – ДПМНЕ и градоначалникот Талески за задолжување на општината со кредит од 2,5 милиони евра, се’ додека Јавното обвинителство не се изјасни по однос на кривичната пријава која опозицијата ја поднесе против Талески, за наводно сторен криминал во неговото работење.
“ЛДП ја почитува презумпцијата на невиност, но сметаме дека под вакви околности, кога и самиот министер Ставрески употребува погрден речник за Талески, веруваме дека ни ВМРО – ДПМНЕ, како мнозинство во Советот на општина Битола, ниту пак опозицијата не смеат да дозволат општината да се задолжи со толку голема сума на пари“, порача советникот Груевски.
Ова задолжување наводно, ќе биде за вложување во инфраструктурата на поранешната касарна и ако е така, повторно остава простор за нов сомнеж бидејќи е јасно дека самите инвеститори во касарната веќе ги платиле давачките за комуналии.
Валентин Груевски од ЛДП смета дека сега е вистинско време да го прашаме јавно и отворено градоначалникот Владимир Талески, каде се парите кои инвеститорите во касарната и’ ги платиле на општината, за сега одново да подигнете кредит?
“Сметаме дека во вакви околности не смееме да дозволиме општината да “заглави“ со кредит кој ќе треба да се отплаќа во наредните 15 години.Значи, не се работи само за сума од 2,5 милиони евра, туку веќе е јасно дека граѓаните на Битола ќе треба да ја враќаат и каматата, која според нашите пресметки, ќе се приближи до сумата од милион евра, во рок од 15 години“, рече Груевски на прес-конференцијата.
Сакаме да ја известиме јавноста дека како советници, немаме информација колкава ќе биде вкупната годишна камата која ќе ја плаќаме, бидејќи истата не е напишана во ниту еден од советничките материјали кои ни стојат на располагање, додаде Груевски.
На самиот крај, ЛДП сака да ги потсети колегите-советници од ВМРО – ДПМНЕ – кога во понеделник ќе кренат два прста за кредитот, дека нема да гласаат за скап или ефтин кредит, туку ќе аминуваат ненамеско трошење на средствата од буџетот на општина Битола и со тоа ќе станат соучесници во нетраспарентното работење и расипничката политика на локалната самоуправа.