Јеменските бунтовнички сили ги контролираат улиците во градот Аден и приведуваат поддржувачи на претседателот Абд Рабо Мансур Хади, за кого имаше извештаи дека ја напуштил земјата, јави ТАСС, повикувајќи се на претставник на организацијата „Ансар Алах“.
Во Аден влегле единици на јеменската армија, кои преминале на страната на шиитските бунтовници Хути, кои се поддржани од „Ансар Алах“.
Според извори од организацијата, тие ги привеле министерот за одбрана Махмуд ал Субејхи и братот на претседателот.
– Ги повикуваме сите соседни држави да останат смирени и да преминат на страната на јеменскиот народ во борбата со терористичката група на Ал Каеда, изјави претставникот на „Ансар Алах“.
Според него „Јеменците самите ќе ги решат своите проблеми со политичко решение“.
Шиитските бунтовници понудија преку државната телевизија парична награда од сто илјади долари за пронаоѓање на претседателот Хади.
Претходно, беше соопштено дека претседателот избегал од Аден и оти заминал во непознат правец. Се претпоставува дека тој ја напуштил државата. Неговите советници ја демантираа оваа информација и нагласија оти претседателот е во Аден.
Шиитските бунтовници претходно ја зазедоа главната воздухопловна база, на 60 километри од Аден, пристаништето во кое Хади ја премести својата Влада.
Хутите се сојузници на поранешниот јеменски претседател Али Абдула Салех и од септември минатата година го контролираат главниот град Сана.
Претходно, оваа година Хутите официјалниот претседател Хади, кој ја има поддршката од Западот, го ставија во домашен притвор, но Хади сепак успеа да побегне во Аден.