Комесарот за проширување Јоханес Хан денеска во Приштина најави дека Европската унија ќе оддели една милијарда евра за унапредување на инфраструктурата во земјите од Западен Балкан.
– Проектите во инфраструктурата, транспортот и енергетиката се клучни за економскиот развој, привлекување на нови инвестиции и отворање на нови работни места, посочи Хан.
Тој на денешната неформална конференција на министрите од земјите од регионот изјави дека во 2015 година ќе бидат достапни сто милиони од ИПА фондовите, како грант инвестиција.
– На 21 април во Брисел ќе присуствуваат премиерите од земјите од регионот за да добиеме согласност од нив, посочи Хан, додавајќи оти во август во Виена официјално ќе бидат претставени приоритетните проекти за инфраструктурниот развој на Западен Балкан и унапредување на транспортот.
Хан додаде и дека „европските фондови се ограничени и секое евро паметно да се троши“.