На државните службеници во јужниот јеменски град Аден им е наредено да се вратат во домовите во момент кога голем број жители на градот почнале да се вооружуваат, јавија западни медиуми цитирајќи очевидци.
Шиитските бунтовници Хути брзо напредуваат кон градот каде најверојатно се наоѓа претседателот Абд Рабо Мансур Хади.
Во меѓувреме, иранската телевизија Прес-Ти-Ви јави дека јеменскиот претседател го напуштил Аден и заминал во непозната насока. Денеска беше соопштено дека Хутите зазеле база на военовоздухопловните сили, која се наоѓа на 60 км. северно од градот. Според телевизијата Ал Арабија Хутите го одзеле целото оружје од базата.
Во неделата бунтовниците Хути го зазедоа третиот по големина град во Јемен, Таиз и продолжија кон Аден.
Претседателот на Јемен вчера побара од Советот за безбедност на Обединетите нации да ја поддржи воената акција на земјите, кои сакаат на неговата Влада да и пружат воена помош во борбата против шиитските милиции, кои контролираат голем дека од северот на земјата и напредуваат кон југ.
Во писмото јеменскиот претседател Абд Рабо Мансур Хади, 15-членото тело на ОН го повика да усвои резолуција, која ќе им одобри на коалициските војници да му помогнат на Јемен и да им пружат поддршка на легитимните власти.
Во писмо на Хади се наведува дека поддршката би ги подразбирала сите средства и мерки заради заштита на Јемен и одбивање на агресијата на шитските милиции, Хути.
Јеменскиот претседател побарал резолуцијата да биде усвоена врз основа на глава Седум од Повелбата на ОН.
Хади во писмото побара и од шестчлениот Совет за соработка на заливските земји и Арапската лига воено да интервенираат и да го заштитат Јемен и јеменскиот народ.
Шиитската милиција ја презеде контролата во Сана во септември и оттогаш инсистира да го прошири своето влијание надвор од главниот град, а Хади побегна во февруари од Сана во родниот град Аден, во јужниот дел на земјата.