Во малешевските општини Берово и Пехчево се одвиваат повеќе еколошки акции за пролетно чистење на парковите, речните корита и кејови, училишните дворови, излетнички места и други јавни површини.
Во рамки на проектот „Промовирање интегриран пристап за одржливо управување со карактеристичните природни ресусри” во Пехчево се одржува работилница на тема „Природата е најубава во пролет”.
Целта на работилницата е преку цртеж, поетски и прозни творби и ракотворби најмладите да ги претстават убавините на малешевското поднебје.
Работилницата е поддржана од локалната самоуправа и од Мрежата за рурален развој на Македонија.
Во ООУ „Никола Петров Русински” во село Русиново се одржува презентација „Чиста средина – здрав живот”. Целта е едукација на населението од различни возрасти за грижа и одговорно однесување кон животната средина.
Паралелно се одвиваат и акции за чистење на училишниот простор и засадување саксиско цвеќе и декоративни садници.
Во рамки на пролетните еколошки активности се организира и дефиле на учениците кои на своите родители и постари сограѓани им делат еко летоци и други пропагандни материјали за еколошка едукација.
Кон акциите на учениците доброволно во чистењето на јавните површини се вклучија и многу родители.
– Изразувам благодарност за масовноста во пролетните еколошки активности на учениците од основните и средните учхилишта, што заедно со нашите вработени даваат голем придонес за разубавување на нашите населени места пред стартот на туристичката сезона во Берово и целата Малешевија, истакна Љупчо Дракалски, директор на Јавното комунално претпријатие „Услуга” во Берово.