Голем пожар, кој избувна во една термоцентрала во градот Оребро во Шведска, предизвика експлозија на турбината, но нема пријавени смртни случаи и повредени.
Шведската телевизиска станица “СВТ” објави дека вработените во контролната соба повикале спасувачки екипи кога се огласил алармот за пожар во централата во Оребро, која се наоѓа на околу 163 километри западно од Стокхолм.
Спасувачките екипи не успеале веднаш да влезат во просториите што ги зафатил огнот поради страв од нови експлозии. Пожарникарите успеале да ги активираат противпожарниот систем на прскалки, што помогна огнот да се локализира.
Портпаролката на локалната електродистрибуција Ана Нистет рече дека во вечерните часови нема да се воспостави редовен проток на електрична енергија, но нагласи дека успеале да обезбедат дополнителни капацитети.