Премиерот на Србија Александар Вучиќ изјави синоќа дека инфраструктурните проекти имаат витално значење за сите во регионот и дека стабилноста на целиот Западен Балкан е најважна за Србија.
Вучиќ за телевизијата БН изјави дека имал повеќе разговори со раководството на БиХ за намалување на царинските бариери, истакнувајќи дека изградба на заеднички граничен премин е добра идеја.
– Ни требаат што помалку граници и препреки, нагласи премиерот на Србија, додавајќи дека Србија е подготвена за отстранување на сите препреки и дека е секогаш за подобрување на животот, трговијата и заедничката работа.
Според Вучиќ тоа е во интерес на сите граѓани, дали станува збор за Србин, Бошњак, Хрват или припадник на друга заедница.
– БиХ е држава што ја почитуваме, Република Српска ја сакаме, ништо од тоа не криеме и отворено зборуваме на секое место. Сметам дека тоа е чесен, искрен, одговорен и сериозен однос, изјави Вучиќ, одговарајќи на прашање како Србија гледа на БиХ.
Српскиот премиер истакна дека Србија сака што поблиски односи со РС, а исто така и со БиХ.
На прашањето за евентуално создавање трет, хрватски ентитет и дали тоа претставува отворање на Пандорината кутија или ќе придонесе за стабилизирање, Вучиќ изјави дека Србија го почитува Дејтонскиот договор и дека Белград ги почитува сите договори меѓу трите констутитивни народи во БиХ.
Вучиќ истакна дека Србија не сака на било кој начин да ги наруши внатрешните односи во БиХ.
– Стабилноста на цел Западен Балкан е најважна за Србија, истакна српскиот премиер, додавајќи дека улогата на Белград е да биде стабилизирачки фактор на секое место.
Тој ја истакна потребата од изградба на инфраструтурни проекти, нагласувајќи дека разговарал за пругата Сараево-Белград и со претседателот на РС Милорад Додиќ и со членот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ.