ЦИВИЛ најостро го осудува притисокот и црната кампања која се води против учениците од средните училишта.
„Правото на протест е неприкосновено и заштитено со Устав и закон! Згрозени сме од вулгарноста и незамисливо ниското морално ниво на оние што ја водат оваа црна кампања против нашите млади сограѓан(к)и.
До ЦИВИЛ пристигнуваат информации од Средношколскиот пленум и поплаки од родителите во кои се сведочи за постојаниот притисок. Притисокот се состои и во заканите дека ќе ги избркаат родителите од работа ако средношколците не престанат да протестираат. Средношколците се етикетираат дека се платеници на Сорос, преку летоци со одвратна содржина.
Во една скопска гимназија се појавија постери дека средношколците кои биле поактивни во Средношколскиот пленум, наводно биле платени по 10.000 денари за организирање протест. ЦИВИЛ го поддржува Средношколскиот пленум и смета дека нивниот протест е изворен и легитимен! Никој нема потреба да бидат платен за да ги брани своите права и правата на сите граѓан(к)и. Но, се поставува прашањето: Кој ја плаќа црната кампања против нашите млади? Дали летоците и плакатите со таква гнасна содржина ги плаќаат граѓан(к)ите на Република Македонија и кој си го узурпирал тоа право да малтретира и навредува?
Изворите на ЦИВИЛ говорат дека низ целата земја се врши силен притисок токму од оние кои се најповикани да се грижат за доброто на младите. Директорот на гимназијата во Битола им „објаснувал“ на координаторите на класовите дека вклучувањето во Средношколскиот пленум и учествувањето во протести не било добро за нив.
Во Кавадарци се заканувале до учениците дека ќе добиваат неоправдани изостаноци, дека ќе мора да учат во сабота, дека ќе има и „други санкции“. Локални партиски активисти од УМС на ВМРО-ДПМНЕ се обиделе да го спречат средношколскиот протест.
Средношколскиот пленум бара одредбите од Законот за основно и средно образование, кои се однесуваат на екстерното тестирање, итно и неодложно да бидат ставени во мирување. Понатаму, бараат да се започне сeопфатна дебата, заснована на аргументи и поткрепена со податоци и факти, со јасен концепт за очекуваните резултати и начинот на кој ќе бидат спроведени. Дебата во која ќе бидат вклучени учениците, како и наставниците, кои го сочинуваат столбот на образовниот систем.
Цивил ги охрабрува средношколците да се спротивстават на оваа валкана кампања која се води против нив. Ги повикуваме да останат храбри и истрајни до крај и да не подлегнуваат на црната пропаганда на власта. Ги повикуваме сите граѓан(к)и да ги поддржат сите нивни протести и барања.
Бараме да престане злоупотребата на дел од младите и нивното ангажирање во партиската солдатеска насочена токму против нивните врсници“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.