Во организација на СОКОМ, Македонската филхармонија и Македонската опера и балет синоќа беа доделени наградите „Виртуози“ за достигнувањата во областа на класичната музичка и балетска уметност.
Во трка за признанието годинава беа 22 музички и балетски уметници и ансамбли, а осум од нив ја понесоа наградата во секоја од предложените категории. За победниците одлучи дванаесетчлена жири комисија составена од релевантни претставници на сите музички организации во државата.
Во категоријата „Млад музички уметник“ наградата ја понесе баритонот Иван Наумовски во конкуренција на виолинистите Ева Богоевска и Александар Иванов. Наумовски, магистрант на Универзитетот во Грац, веќе ги освојува оперските и концертни сцени низ Австрија и Европа, каде сите негови настапи се дочекани со едногласно воодушевување од публиката и критиката. Наумовски добива блескави оценки не само поради својата извонредна вокална интерпретација и музикален пристап, туку и поради зрелоста и проникливоста во донесувањето на ликовите на сцената. Минатата година, на 24 години, Наумовски го оствари своето меѓународно оперско деби, како најмлад солист во престижната оперска куќа во Грац.
За најуспешен „Камерен ансамбл“ се натпреваруваа дуото виолини Ана и Олег Кондратенко и пијанистката Марија Вршкова, дуото Сихана Бадивуку на виолина и Маја Кастратовиќ на пијано, како и женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, а наградата им припадна на дуото Ана и Олег Кондратенко кои преку една деценија, ги обединуваат своите индивидуални уметнички квалитети во заеднички сензибилитет, збогатувајќи го македонскиот концертен простор со емотивните бранувања на камерното музичко творештво.
Во придружба на пијанистката Марија Вршкова, која е нивен редовен музички сопатник, дуото Кондратенко може да се пофали со бројни настапи на концертните подиуми во земјава и во странство, реализирани звучни записи за Македонската телевизија, официјално ЦД издание.
Тања Вујисиќ – Тодоровска го понесе признанието во категоријата „Музички публицист“, во која беше номинирана и музикологот Тина Иванова. Вујисиќ – Тодоровска е исклучително име во балетската уметност на Македонија, како на полето на сценската уметност, така и на полето на педагошката дејност. По заокружувањето на својата плодна балетска кариера во која одигра над 40 водечки улоги во повеќе од 300 балетски претстави, фокусот на Вујсиќ беше насочен кон педагошката и истражувачката работа. Плод на таа посветеност, труд, љубов и ангажман во минатата година беше монографијата „Моделирање на педагошката работа на балетските репетитори“, која претставува прв научен труд кој го третира комплексниот проблем на моделите на педагошката работа на репетиторите на балетската уметност во Македонија.
За „Музички настан“ во минатата година беше прогласен концертот на Македонската филхармонија со пијанистот Бориз Березовски одржан по повод 70-годишниот јубилеј на нашата најстара музичка институција.
Дарија Андовска ја понесе статуетката во категоријата „Композитор“, во конкуренција на Валентина Велковска-Трајановска и Александар Пејовски. Андовска, која втор пат го добива признанието, минатата година ги претстави своите дела на концертните сцени во Швајцарија, Украина, Русија, Полска, Германија, Турција, САД и Македонија, во изведба на реномирани ансамбли и солисти. Нејзините композиции се најдоа и на носачи на звук, а беа емитувани и на бројни европски радио станици. Андовска во 2014 година го доби и највисокото одличје во својата досегашна кариера – признанието „Истакнат уметник на градот Цирих“.
Оперска певица Ана Дурловски се закити со признанието во категоријата „Меѓународна афирмација“, за кое се натпреваруваше со диригентот Сашо Татарчевски. Големото оперско деби на сцената на најпрестижната оперска куќа во светот, Метрополитен во Њујорк, во улогата на Кралицата на ноќта од „Волшебната флејта“, за оперската примадона Ана Дурловски значеше најголемо признание во нејзината досегашна кариера, успех кој ја зацврсти Македонија на светската оперска мапа. Ана го воздигна до височините комплексниот лик, воодушевувајќи ги критичарите со својата совршена техника. Минатата година Дурловски продолжува да се искачува на скалилата на европската и светска оперска уметност и воодушевуваше и во улогите создадени од Доницети, Белини, Офенбах.
Примабалерината Александра Мијалкова е годинешниот „Виртуоз“ во категоријата музичко-сценски уметник каде беа номинирани и тенорот Ѓорѓи Цуцковски и кореографот и танчер Игор Киров. Со својата сугестивно изнијансирана игра со која ги обликува расположенијата на ликовите, техничко-танцовата доминација и креативност, Александра Мијалкова се трансформираше од Одета, Рајмонда, Далила, Лили во Маргарита во „Дамата со камелии“.Мијалкова ја одбележа 2014 година со широк дијапазон на театарски улоги, а нејзината игра ги освои сцените на гостувањата во Виена и Рим, каде во улогата на Лили во современиот балет „14 часа“, собра бурни аплаузи и овации.
Во последната категорија „Музички изведувач“ беше награден диригентот Саша Николовски-Ѓумар, во конкуренција на пијанистот Тодор Светиев и виолинистот Владимир Костов. Повеќе од 20 години плодна творечка уметност, вложена љубов, енергија, посветеност –диригентот Саша Николовски-Ѓумар ги раздвижува македонските ансамбли преку кои создава импресивни музички креации. Минатата година за него ја одбележаа бројни концерти и оперски претстави во Македонија и надвор од нејзините граници.
Наградите „Виртуози“ се востановени во 2013 година за да им оддаде признание на најуспешните уметници кои континуирано работат кон уметничко созревање и развој на македонската култура и истовремено да ги поттикне на нови предизвици и успеси.