Сите граѓани кои не поднеле годишна даночна пријава за остварени дополнителни приходи во текот на 2014 година тоа може да го сторат уште денеска. Крајниот рок за поднесување Годишна даночна пријава е 15 март, но бидејќи овој датум годинава беше во недела пријавата може да се поднесе и денеска, понеделник.
Според последните податоци, над 330.000 граѓани веќе ја исполниле обврската за поднесување годишна даночна пријава до УЈП, од кои над 1.500 ја искориле можноста за пријавување на приходите преку електронските даночни сервиси.
И покрај големиот број годишни даночни пријави кои изминатите неколку дена се поднесуваат до УЈП (од 40 до 50 илјади пријави дневно), според соопштенуето, не се регистрирани застои и поголеми чекања пред даночните шалтери.
Годишна даночна пријава може да се поднесе во регионалните дирекции и даночните одделенија на УЈП, како и во Контакт центарот на УЈП. Доколку граѓаните сакаат да ги избегнат метежите пред даночните шалтери, годишната даночна пријава може да поднесат и преку пошта во еден примерок на адресата на надлежната регионална дирекција на УЈП, на која според местото на живеење припаѓа подносителот, како и преку електронските даночни сервиси за што подносителот требно да поседува дигитален сертификат на УСБ токен издаден од овластена куќа.
Годишна даночна пријава се доставува доколку во текот на 2014 година граѓанинот остварил приход по основ на кирија, за склучен авторски договор, за исплатен регрес за годишен одмор (К 15), дивиденда или камати по основ на заем, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, добивка од општите игри на среќа (од лото, бинго, квизови, наградна игра и сл.) во износ поголем од 5.000 денари, продажба на цврст отпад, лични примања од странство, како и доколку лицето е работно ангажирано во амбасада, мисија на меѓународна организација во РМ, односно има лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави во РМ или пак остварува лични примања кај претставници и службеници на претставништвата кои уживаат дипломатски имунитет.
Годишна даночна пријава не се доставува за остварен приход од плата, пензија, земјоделска дејност и самостојна дејност.
Добивките од посебните игри на среќа како казино, автомат клуб или обложувалница остварени во текот на 2014 година, не треба да се пријават во годишната даночна пријава.