Секоја прес конференција досега од проектот Вистината за Македонија откри по едно лице на Никола Груевски, што тој со сите сили се обидувал да го држи покриено пред јавноста. Бил суров, бил злобен, бил непресметлив, учествувал во изборни фалсификати… во што ли уште не. Прислушувал илјадници граѓани, рече денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Во продолжение целиот текст интегрално:
Денеска ќе видите колку овој човек, Никола Груевски бил нечесен. Колку бил користољубив. Што правел, во што `се вовлекувал, лично тој, кога биле во прашање неговите сопствени интереси.
Денеска ќе стане кристално јасно на сите, зошто трескавично, по секоја цена се менуваа деталните урбанистички планови во општина Центар, што се криело во нив освен Панорама, по чиј налог се менувале деталните урбанистички планови и кој имал интерес од тоа! Зошто се случуваше сета драма околу претседавачот со Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ! Зошто Никола Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков, како што слушнавте на претходната прес конференција, правеле `се, од притисоци врз советници во општина Центар, до обиди за купување советници! Зошто Груевски го поништувал гласањето во општина Центар! Зошто нарачувал приговори и што значела таа негова реченица во разговорот што го слушнавте, кога рече дека имаат да завршат “уште некои работи во Центар“!
`Се било, почитувани граѓани, за задоволување на мегаломанските афинитети на Никола Груевски. Немал мерка колку му е доволно. Не се само 4-те стана. Не се бројат метрите квадратни до коишто изнаоѓал чудни патишта да стигне. Немало куќа плус, што може да го скраси.
Сигурно се сеќавате, бидејќи низа скандали беа приредени за носење на двата спорни урбанистички плана во општината Центар. Едниот Тасино Чешмиче 1, другиот Капиштец – Водно.
Во првиот урбанистички план се спорните објекти на Панорама и 10 катниците.
Но вториот урбанистички план крие нешто друго. Станува збор за две многу атрактивни локации на кои удрил мерак Никола Груевски и дошол до нив. Денес нивната вредност е над 5.000.000 евра.
На првата локација, на крајот на улицата Питу Гули, парцелите 1309/13, 1309/16, 1309/5, 1309/8, биле со намена Д3, односно за спорт и рекреација. Во нацртот на новиот план, што се носеше на фамозните седници на Советот во Центар, ставиле маркици за семејно домување СО ПОСЕБЕН РЕЖИМ.
Еве го стариот ДУП. Еве го и ДУП што сакаа да го донесат.
Сопственост на овие парцели, покрај фирмата Кара на Орце Камчев е и фамозната оф
шор компанија Ексико.
Еве ги имотните листови, а ќе видите кој всушност е сопственик.
На друга локација, во истиот урбанистички план, Капиштец – Водно, на зафатот веднаш над Панорама, се случила друга промена. Во првиот ДУП стои заштитно зеленило без никакви макрици за парцели. Еве го првиот ДУП.
Во вториот ДУП што сакаа насила да го донесат, проектирале три огромни маркици за куќи. Еве го вториот ДУП.
Се работи за катастарските парцели 1926/4 и 1926/5, со вкупна површина од нешто повеќе од 11 илјади м2. Еве ги имотните листови што покажуваат дека се во сопственост на Сирах Инженеринг, чијшто основач и 100 процентен сопственик е фирмата Сирах Лимитед од Белизе, повторно оф шор компанија. Посебно да посочиме дека управител на таа фирма е кумот на Груевски од првиот брак, Ристо Новачевски, чија сестра била и најверојатно сеуште работи во кабинетот на Никола Груевски, а самиот Новачевски бил и сеуште е носител на повеќе јавни функции. Проверете сами.
Фирмата Сирах Инженеринг е регистрирана со основачки капитал од 1.300.000 евра! Ова се гледа од Тековната состојба на самата фирма.
Да се вратиме на проектот Вистината за Македонија. Денеска ќе ви презентираме аудио снимки коишто ќе потврдат две многу важни работи: нечесноста на Груевски, но и кој тоа стои позади регистрираните оф шор компании, само за да се заштити и сокрие крајниот сопственик.
Денеска ќе ја покажеме алчноста на Груевски за купување огромни парцели.
Преку аудио снимките сите ќе дознаат, колку тоа бил “чесен“ Груевски кога се работело за неговиот личен интерес.
Што `се не правел Никола Груевски, за да се сокрие од јавноста во спроведувањето на своите апетити. Како дури се возел со фамозно комбе, во друштво на највисоки претставници на извршната власт, барајки локации. Како договарал цепкање локации за да ја сокрие нивната вистинска големина. Ќе слушнете како Груевски се мачи да зборува во шифри, па и вие ќе се запрашате зошто премиерот на државата има потреба да зборува на телефон во шифри.
Денеска ќе слушнете 6 разговори во коишто алчноста на Груевски не била само станови, не само да си купи плац на Водно, туку тоа да бидат прво 2.700 м2, а потоа уште 11.000 м2!
Еве ова е тој нечесен Никола Груевски кој се крсти во својата чесност пред граѓаните на Република Македонија.
Тој наложил промени на деталните урбанистички планови во општина Центар. Тој Груевски кој го тераше членството на ВМРО-ДПМНЕ да се тепа пред општината, наводно за црквата, а тие, ја кршеле општина Центар, тепајќи се за неговиот имот.
Како што ги лажеше Груевски неговите дека се тепаат за заштита на Црквата во Центар, така Никола Груевски продолжува да ги лаже и членство и граѓаните дека тој не го правел прислушувањето туку тоа го правеле некои наводни странски служби со злобни намери кон Македонија.
Никола Груевски денеска, кога веќе ги собра насила и членството и администрацијата за да се правда со неговата наводна чесност, треба да им каже на луѓето:
-Зошто зборува во шифри, ако не се прислушува во државата? Каков премиер е тој кога мора да зборува во шифри?
Чесен човек ќе признаеше дека тој и братучед му Мијалков прислушуваат и затоа тие зборуваат шифри.
Чесен човек ќе се охрабреше и ќе објаснеше: и за возењата по комбиња низ Скопје, и за делењата парцели, и за линковите со фирмите од Белизе и Лугано, и за имотите на Водно што сакал да ги крие со потпорни ѕидови од погледите на граѓаните.
Груевски повторно криел имоти како што ги криеше 4-те стана.
Но повеќе нема потреба ништо да крие, ниту да признава.
`Се е јасно. Готово е Груевски.
Само оставки од Никола Груевски и неговата Влада и формирање преодна Влада е излез од политичката криза во којашто се наоѓа Република Македонија.
Почитувани граѓани, ова зло да не дозволиме повеќе никогаш да се повтори.
Продолжуваме со објавувањето на Вистината за Македонија.