Шведските правосудни власти ја забрзаа правната постапка околу случајот со Џулијан Асанж, со цел да го запази рокот за негово сослушување што истекува во август оваа година, објавија шведските медиуми.
Шведската обвинителка Маријане Нај долго време се спротивставуваше на идејата Асанж да биде сослушуван во Лондон, тврдејќи дека на тој начин ќе се „намали квалитетот на испрашувањето“, па затоа бараше тој да дојде во Стокхолм.
Асанж е осомничен за силување и сексуално насилство врз две Швеѓанки во август 2010 година и беше повикан да дојде на сослушување по обвинувањата. Откако тој одби да се појави на сослушувањето, Шведска покрена европска потерница по него, па Велика Британија мораше да го уапси и да отвори процес за екстрадиција, како што бараа шведските правосудни власти.
Тој и неговите адвокати целиот случај се трудат да го прикажат како „политички“ и како пример за „повреда на неговите човекови права“, тврдејќи дека Шведска го бара Асанж на сослушување само „за да им го предаде на Американците“ за да му се суди за неовластеното објавување на илјадници украдени доверливи одбранбени и дипломатски материјали на американската Администрација.
САД формално не го обвинија Асанж, но во јуни 2012 година кога Врховниот суд на Велика Британија одлучи тој да биде екстрадиран, овој некогашен австралиски хакер, кој за тоа дело како помлад одговарал и пред австралиските власти, побегна во зградата на амбасадата на Еквадор во Лондон, каде подоцна доби и азил.
Неговите аргументи, како и оние на неговите адвокати беа дека тој е невин, дека шведските власти ќе го префрлат во САД каде би бил осуден меѓу 30 и 40 години затвор и дека затоа морал да побегне. Британската полиција од тогаш ја чува зградата на Амабасадата на Еквадор, со цел Асанж повторно да не побегне, а неговите адвокати тогаш сугерираа тој да биде испрашуван во зградата на еквадорската мисија.
Обвинителство на Шведска сега се согласи со таа идеја затоа што според домашните закони, Австралиецот може да биде сослушан во рок од пет години по обвинението за направено кривично дело.
Засега не се знае што ќе се случи со жалбата на адвокатите на Асанж до Врховниот суд на Шведска околу налогот за европска потерница, која тие бараа да биде укината. Во ноември минатата година Апелацискиот суд во Стокхолм уште еднаш го потврди налогот за апсење на Асанж.