Олимписките игри – спас за германската метропола?

Од:

Дојче веле – Берлин

Берлинските претприемачи единствено ја поддржуваат идејата за одржување на Олимписките игри во 2024 година во овој град. Но, колку Берлин навистина би профитирал од Олимпијадата?

Поддршката за конкурирање на Берлин за Олимписките игри 2024, на берлинските претприемачи е вредна најмалку два милиона евра. Имено, со толку пари тие ја поддржуваат кампањата со која Олимпијадата 2024 година повторно сакаат да дојде во германската метропола на реката Спре.

Стопанските здруженија можните Олимписки игри ги доживуваат како огромен поттик на стопанството на градот Берлин, кој воедно е и сојузна покраина. Поддршката на берлинските претприемачи е потребна, бидејќи управата на градот, Берлинскиот Сенат, мака мачи со воздржаноста на граѓаните на Берлин кога е во прашање поддршката за Олимпијадата 2024 година.

И до 650.000 нови работни места

И додека Хамбург, вториот германски аспирант за одржување на Олимписките игри во 2024, се држи воздржано со бројките, берлинските претприемачи веќе на големо се расфрлуваат со суперлативи.

Градежништвото, угостителството и трговијата очекуваат најголем дел од колачот. Веќе сега се работи на 30 нови хотели кои треба да бидат готови до 2018 година. Се зборува и за 650.000 нови работни места кои можат да настанат благодарение на олимпискиот ефект. – Нашата бранша живее од емоции, вели Гинтер Патс од Трговското здружение Берлин-Бранденбург.

Позитивното расположение е корисно за трговијата, а тоа не е ограничено само на тие неколку недели колку што траат Олимписките игри, туку градот како што се проценува, би профитирал од седум години позитивна атмосфера колку што наводно траат ефектите од Олимписките игри. Притоа на Берлин навистина добро би му дошла некоја силна финансиска инекција, бидејќи овој град е познат не само како германска туку и како должничка метропола, со долгови кои моментно се проценуваат на околу 60 милијарди евра.

Министерката за труд во Берлин Дилек Колат поради тоа Олимпијадата ја гледа како огромна шанса за единствен инвестициски програм и за санација на градската стопанска состојба.

Се со помош на Меѓународниот олимписки комитет и германската државна каса. Новата инфраструктура, како сообраќајната така и спортската, добро би му дошла на градот кој секоја година расте за околу 40.000 нови жители.

Предупредување од економистите

Но, на опасноста од претерана еуфорија предупредува реномираниот Германски институт за економски истражувања ДИВ. Тој укажува на трошоците кои можат да експлодираат. Берлин во тоа има долга традиција.

– Берлин веќе сега има проблем со расфрлање на пари што трае веќе со децении, вели економистот Карл Бренке. Според него, еден град до грло во долгови кој живее од помош на државата, односно од даночните обврзници од остатокот од Германија, едноставно не може да си дозволи луксуз наречен Олимпијада.

Бренке смета дека и без Олимпијадата може да се инвестира во инфраструктурата. – Ние веќе сега во Хамбург и Берлин можеме да градиме станови и да поправаме улици без оглед на Олимпијадата. Со таа разлика што немаме дополнителни трошоци кои се потребни за самите игри, вели Бренке.

Но, берлинските политичари и натаму се оптимисти. Тие укажуваат на тоа дека Берлин веќе сега располага со над половина потребни спортски и угостителски објекти. Освен тоа, градот може да се пофали и со потребно искуство во организирање на големи спортски манифестации како Светското првенство во фудбал во 2006 година.

Берлин веќе сега е туристичка метропола која само оваа година смета на над 30 милиони ноќевања. Фактот дека во Берлин живеат припадници на 180 различни нации градот треба да го искористи и за дополнително подобрување на имиџот.

– Берлин уште еднаш може да покаже што симболизира: мултикултура, слобода и мирен соживот, истакна политичарката Дилек Колат.

Но, Берлин прво ќе мора да се избори против гласниот германски конкурент Хамбург. Кон крајот на март Германскиот олимписки комитет ќе одлучи кој германски кандидат ќе се бори за право за одржување на Олимписките игри во 2024 година. Конкурентите на меѓународен план веќе чекаат: Бостон, Париз, Истанбул и Рим.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Откако се посрамоти, австралиската олимпијка замина во пензија

Предраг Петровиќ

Полска сака да биде домаќин на Олимписките игри во 2040 или 2044 година

Ватерполистите на Србија ја победија Америка и се пласираа во финалето

Ѓоковиќ го освои олимпиското злато и ја комплетираше колекцијата на најголемите тениски трофеи

Предраг Петровиќ

Леброн Џејмс сака да игра на Олимпијадата во Париз – ќе го предводи дрим-тимот

Олимпиското злато и беше одземено на Русинка и доделено на Американка

А1он