ЦИВИЛ остро го осудува говорот на омраза

Од:

„Политичката криза во Македонија само ја надополнува и дополнително ја влошува и онака катастрофалната состојба со човековите права и слободи, со развојот на демократијата и на слободата на говорот и на медиумите. Во последно време, сме сведоци на шпекулации, лаги, манипулации и вулгарности, меѓу другото и како обид, преку медиумите, да се заплаши или умртви јавната с(о)вест, односно да се програмира и дисциплинира јавното мислење според инструкции на врхушката на власт.

Ваквата ситуација, вжештена со „бомбите“ на лидерот на опозицијата Зоран Заев, предизвика масовно ширење на говор на омраза кај провладините и во последно време, за жал, и кај дел од проопозициските медиуми. Односот на власта кон слободата на  медиумите и особено кон ретките проопозициски медиуми, не е оправдание што и кај дел од нив, се користат вулгарности, пцости и навреди на политичките противници. Токму професионалниот пристап треба и мора да ја потенцира разликата меѓу новинарите и пропагандистите и анонимните клеветници“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.

„Говорот на омраза уште повеќе се продлабочува и метастазира преку социјалните мрежи и интернет порталите. Ставот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија дека нема да соработува со медиумите кои шират говор на омраза, покажува дека границите се одамна преминати, а професионалноста, за жал, е забаталена.

Токму затоа, Цивил – Центар за слобода остро го осудува говорот на омраза и повикува на смирување на страстите и точно и објективно информирање на граѓан(к)ите за политичката ситуација во Македонија од сите инволвирани чинители.

„Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, или ако постои голема веројатност дека објавениот материјал ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн“, се вели во Прирачникот за етика во новинарството на Здружението на новинарите на Македонија.

Цивил апелира до медиумите и новинарите да ги почитуваат етичките должности и морални вредности, и да престанат со ширење на говор на омраза кој потикнува насилство и дискриминација по било која основа. Токму медиумите треба да бидат први кои ќе ги смируваат страстите, а не дополнително да ја разгоруваат омразата. Крајно време е сите да се вратиме кон посветеноста на професијата, нормите на цивилизирано поведение и домашното воспитување“, соопштуваат од ЦИВИЛ.

Би можело да ве интересира

Креативна работилница „Обединети против насилството“

Ана Ололовска

ЦИВИЛ предлага 8 март да биде прогласен за неработен ден за сите жени во земјата

ЦИВИЛ повика на засилен мониторинг на изборниот процес

Ана Ололовска

ЦИВИЛ: Не смее да се толерира насилство врз новинарите

Наум Локоски

ЦИВИЛ го застапува правото на глас и го набљудува референдумот

Ана Ололовска

Цивил центар за слободи: Некој ги заплашува граѓаните за референдумот

Наум Локоски