Европскиот шампион Реал Мадрид синоќа загуби дома во реванш осминафиналето од германски Шалке со 4:3, но сепак успеа да се пласира во следната рунда благодарение на победата во првиот дуел од 2:0.
На вториот натпревар одигран синоќа Порто со убедливи 4:0 го победи Базел и со вкупни 5:1 избори четвртфинале.
Реал Мадрид буквално се спасуваше во последните минути од дуелот и голманот Икер Касиљас имаше неколку интервенции. Шалке поведе преку Кристијан Фукс во 20.минута, а Кристијано Роналдо изедначи во 25.минута. Ново водство за германскиот тим донесе Јан-Клас Хунтелар во 40.минута, а Роналдо пак изедначи во 45.минута. Карим Бензема во 53.минута донесе водство за Реал, а резервистот Лерој Сане изедначи на 3:3 во 57.минута. Хунтелар во 85.минута по вторпат постигна гол и ги постави конечните 4:3 за Шалке што беше недоволно за пласман во четвртфиналето бидејќи е 5:4 за Реал во вкупниот резултат.
На вториот дуел Порто убедливо го совлада Базел со 4:0. Порто поведе во 14 минута преку Јасин Брахими, а на почетокот во вториот дел Хектор Ерера зголеми на 2:0. Третиот гол го постигна Касимеро во 74.минута, а две минути подоцна Винсент Абубакар ги постави конечните 4:0.
Вечерва се играат уште два реванш дуели од осминафиналето: Челзи – ПСЖ (1:1 прв натпревар) и Баерн – Шахтјор (0:0).
На 17. март ќе играат: Монако – Арсенал (3:1) и Атлетико Мадрид – Баер Леверкузен (0:1), а на 18.март двојките се: Барселона – Манчестер Сити (2:1) и Борусија Дортмунд – Јувентус (1:2).