Во Македонија постои силна правна рамка за родова еднаквост која вклучува низа институционални механизми на различни новоа, локално, национално, извршно и законодавно. Потребни се ефектуирања на приоритетите во тој важен сегмент на општеството. Има простор за дејствување во правец на постигнување еднаквост на половите, беше констатирано на денешната Национална конференција во Скопје на тема „Родово еднакво општество: состојба и предизвици“.
Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими во своето обраќање говореше за владините реформи, напорите за подобрување на степенот на родова еднаквост и постигнатите резултати на овој план.
– Во овој контекс напоменувам дека од почетоков на годинава во сила стапи новиот Закон за спречување и заштита од семејно насилство, во кој за првпат е опфатено економско јакнење на жената жртва. Одлучно истапуваме во борбата против трговијата со луѓе, посебно жените, воведувајќи институционални рамки, отворање на центар за деца жртви од трговија со луѓе и бесплатна здравствена заштита, истакна Ибраими.
Раководителот на Секторот за соработка на ЕУ во Македонија Мартин Клауке упати честитки за постигнатите резултати, но и даде одредени забелешки.
– На Националните политики и законодавството треба дополнително да се работи и треба да се спроведат некои структурни промени. Жените сеуште се недоволно застапени и затоа сеуште немаат доволно влијание на локално и национално ниво, додаде Клауке.
Амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер посочи примери од нејзината земја и предложи примена на искуствата.
– Подготвивме проект којшто е многу важен за оваа невладина организација. Знаеме и дека општеството се сменило, меѓутоа општеството треба многу да научи и може многу да бенефицира од учеството на жените, истакна Оер.
Според постојаниот координатор на ОН, Лујза Винтон Светската организација обезбедува еднаквост на жените во Парламентот за кои, како што рече, нас ни беа потребни 81 година жените да го заземат своето учество и да остварат каква таква еднаквост во однос на глобалната работна сила.
На конференција беше разговарано за влијанието на жените во политиката, нивната застапеност, родовиот јаз во економијата, механизмите за унапредување на степенот на родова еднаквост и начините за натамошно надминување на сеуште постојните разлики меѓу половите во низа општествени сегменти.