Најмалку 58 луѓе загинаа, а 139 се повредени денеска во три одделни бомбашки напади во Маидугури, најголемиот град во североисточниот дел на Нигерија, соопштија очевидци и локални претставници.
Меѓу жртвите има голем број на жени и деца.
Претседателот на синдикатот на рибари Абубакар Гаманди, кој и самиот бил очевидец, изјави дека првиот напад бил извршен од жена-самоубиец која го активирала експлозивот пред пазар за риба, при што загинале најмалку 18 лица.
Во вториот напад, кој следел еден час подоцна на друг пазар, се убиени најмалку 15 лица, тврди Гаманди, повикувајќи се на очевидци и здравствени работници.
Комесарот за правда на државата Борно, Кака Шеху ги потврди двата бомбашки напада, додавајќи дека трета бомба експлодирала малку подоцна на фреквентна автобуска станица.
Маидугури е двомилионски главен град на нигериската држава Борно, која се смета како упориште на екстремистичката група Боко Харам.