Најмалку 33 луѓе загинаа денеска во три одделни бомбашки напади во Маидугури, најголемиот град во североисточниот дел на Нигерија, соопштија очевидци и локални претставници.
Првиот напад го извршила жена-самоубиец која го активирала експлозивот пред пазар за риба, при што загинале најмалку 18 лица.
Во вториот напад, кој следел еден час подоцна на друг пазар, се убиени најмалку 15 лица, изјави претседателот на синдикатот на рибари Абубакар Гаманди, повикувајќи се на очевидци и здравствени работници.
Комесарот за правда на државата Борно, Кака Шеху ги потврди двата бомбашки напада, додавајќи дека трета бомба експлодирала малку подоцна на фреквентна автобуска станица.
Маидугури е двомилионски главен град на нигериската држава Борно, која се смета како упориште на екстремистичката група Боко Харам.