Кошаркарите на Кожув го победија Работнички во првенствен натпревар и му се реваншираа за поразот во финалето на Купот на Македонија.
На средбата од 15.коло во Првата лига, одиграна синоќа во Гевгелија, екипата на Кожув го победи Работнички со 85:73.
Милан Јањушевиќ со 20 поени и Слободан Дунџерски со 14 поени, 6 асистенции и 5 скокови беа творци на победата на Кожув.
Кај Работнички за кој ова беше трет пораз сезонава, најефикасни беа Милан Павковиќ со 23 и Тодор Ѓечевски со 20 постигнати поени.
На останатите два натпревари од ова коло Фени Индустри во Кавадарци убедливо го победни штипски Гоце Делчев со 109:86, а Карпош Соколи – Водњански лисици 92:83.
Поради настапот на шампионот МЗТ Скопје Аеродром во регионалната АБА лига, дуелот меѓу Струмица и МЗТ Скопје ќе се игра во среда (4 март).
Слободна во ова коло е екипата на Куманово, која в среда ќе игра против Фени Индустри во заостанатиот меч од претходното коло.
Табела: Работнички 22 бодови, Фени Индустри 22, Карпош Соколи 22, МЗТ Скопје А. 21, Кожув 20, Куманово 19, Гоце Делчев 17, Струмица 15 и Водњански лисици 15.