Со црвени картони во рацете, стотици граѓани бараат оставка од министерот за здравство, Никола Тодоров и одговорните од Фондот за здравствено осигурување кои ги нарекоа „убијци“.
Демонстрантите се наоѓаат пред Фондот за здравствено осигурување, од каде ќе се упатат кон Министерството за здравство да му порачаат на министерот Никола Тодоров да даде оставка поради смртта на малата Тамара Димовска од Велес.
Во Скопје на демонстрантите им се приклучи и мајката на Тамара, која што ќе ја предводи колоната кон Министерството за здравство.
„Овој протест е ненасилен и непартиски, но тоа не значи дека треба да заборавиме и да простиме кој ја уби малата Тамара“, рече Џељо Хоџиќ.
„Овој протест е на родителите на Тамара, затоа нејзината мајка Жаклина Димовска ќе го предводи протестот до министерството за здравство.
Сите ќе застанеме сега зад мајката и таткото на Тамара, да ја побараме одговорноста за смртта на малото девојче“, рече Огнен Јаневски.