Четирите полуфинилисти на кошаркарскиот Куп на Македонија на денешната прес конференција истакнаа дека на утрешните натпревари посакуваат победа, а воедно имаат и респект кон ривалите и очекуваат да играат два натпревара овој викенд.
Во првото полуфинале во сабота од 17 часот играат бранителот на трофејот и организатор МЗТ Скопје Аеродром и Кожув.
Капитенот на МЗТ Скопје Аеродром Урош Лучиќ најпрвин го прими пехарот од ланската сезона и најави одбрана:
– Главна цел е одбрана на трофејот. Тимот на Кожув го знаеме, иако нема да биде истиот состав против кого игравме бидејќи имаат неколку промени, истакна Лучиќ.
Капитенот на гевгеличани Миладин Пековиќ изјави:
– Ова е голема шанса за нас како тим да се прикажеме во добро светло. Сите сме мотивирани против домаќинот, кој ќе има предност.
Во второто полуфинале од 20:30 часот ќе играат Работнички и Куманово.
Тренерот на Работнички Марјан Србиновски за саботниот ривал рече:
– Куманово е сериозен ривал и за победа ќе мора да одиграме максимално пред се во одбраната и да ги запреме нивните одлични индивидуалци. Впрочем на завршницата од Купот играат четирите најдобри екипи.
За Куманово ова ќе биде нов предизвик, а Работнички е првата пречка за освојување на пехарот.
– Голема е честа да се биде учесник на овој турнир. Ние се подготвуваме максимално за натпреварот со Работнички, а очекувам да ја постигнеме нашата цел да се пласираме во финалето, истакна тренерот на Куманово Страшо Тодоровиќ.
Победниците од полуфиналните натпревари ќе играат во неделното финале кое е на програмата во 20:30 часот. Како предигра на финалето ќе биде младинското финале (играчи до 20 години) во кое ќе играат МЗТ Скопје Аеродорм и Вардар.
Натпреварите од завршницата на кошаркарскиот Куп на Македонија ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Работнички со 8 трофеи е најуспешниот тим во ова натпреварување, а МЗТ Скопје има 7. По двапати победувале: Фени Индустри и Никол Ферт, а по еднаш: Вардар Осигурување, Деликатес Кочани и АМАК СП.