Француското Национално собрание вечерва ја отфрли иницијатива на пратеничката група на опозициската конзервативна Унија на народното движење (УМП) за изгласување недоверба на Владата на Мануел Валс.
„За“ иницијативата се изјаснија 234 пратеници. За да биде прифатена, иницијатива за изгласување недоверба на Владата требаше да добие поддршка од најмалку 289 од вкупно 577-те пратеници во француското Национално собрание.
Барањето за гласање доверба уследи откако Владата одлучи да донесе нов законски акт со кој се регулираат многу прашања поврзани со економијата. Имено, како што јави дописникот на МИА од Париз, овој документ се носи со владина одлука без гласање во Парламентот, но затоа пратениците можат да побараат гласање доверба на Владата.
Овој законски текст, според предлагачот, министерот за економија Емануел Макрон, треба да ги реши „трите болести на Франција – довербата, комплексноста и корпоратизмот“.
Поздравен од страна на работодавците, документот наиде на критики од сите страни и на тој начин претрпе многу промени.
Во редовите на владејачкото мнозинство на социјалистите, сите пратеници не го поддржуваат овој законски акт, па УМП се надеваше и на нивна поддршка при гласањето по иницијативата.