Либија и Египет вчера побараа од Советот за безбедност на ОН укинување на ембаргото за испораки на оружје на либиската Влада, воведено во февруари 2011 година, и помош за формирање национална армија, која ќе може да се бори против Исламска држава (ИД) и другите екстремистички групи, пренесоа британските медиуми.
– На Либија и е потребен одлучен став на меѓународната заедница дека сака да ни помогне во формирањето на потенцијалот на националната армија, а тоа е можно со кревање на ембаргото на вооружувањето, за војската да може да добие оружје и опрема за да се спротивстави и бори со раширениот тероризам, рече шефот на либиската дипломатија Мухамед ал-Дејри на седницата на Советот за безбедност на ОН.
Шефот на египетската дипломатија Самех Шукри го поддржа барањето на Триполи за укинување на ембаргото, залагајќи се и за воведување поморска блокада за Либија за да се спречат испораките на оружје за исламистите во областите од оваа земја што не се под контрола на легитимните власти.
Специјалниот пратеник на ОН Бернардино Леон изјави дека ИД и другите милиции во Либија може да ги порази единствено единствена влада која има силна меѓународна поддршка.
Египетската авијација во понеделникот почна да ги бомбардира позициите на ИД во областа на либискиот град Дерна, во знак на одмазда за убиството на 21 коптски христијанин.