Повеќе од петнаесет пати поевтино, Општина Охрид го продава државното земјиште под Плаошник, во близина на црквата „Св. Јован Канео“ отколку што самата го проценува во тој дел од градот. Според јавната објава на општинската интернет страна, намената на продажбата на земјиштето е за изградба на станбени куќи во три нивоа.
Општина Охрид молчи околу целиот овој процес. Од кабинетот на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески не сакаа да одговорат која е потребата за продавање на ова земјиште, ниту пак сакаше да одговори која е пазарната вредност на земјиштето во оваа зона според официјалната одлука донесена од Советот на Општина Охрид.
Почетната цена на електронското наддавање за градежната парцела, според јавната објава изнесува 1543 денари по метар квадратен.
Според одлуката за определување зони за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот (градежно земјиште и дворно место) која Советот на Општина Охрид ја има донесено на 2-ри јули во 2013 година, ова земјиште, во овој предел се проценува дека вреди од 20.000 до 25.000 денари по метар квадратен. Ова значи дека почетната цена која Општина Охрид ја дава во огласот за продажба на земјиштето е над петнаесет пати помала отколку што самата официјално го проценува тоа земјиште.
Доколку Општина Охрид и државата сакале да добијат повеќе пари со продажбата на земјиштето, зошто тогаш почетната цена на електронското наддавање не ја направиле онолку колку што се проценува во тој реон? Имајќи во предвид дека, според објавата, може да учествуваат и странски правни и физички лица, целиот процес остава сомнеж околу електронското наддавање.
Ф.Ј.