Селекторот на руската фудбалска репрезентација Фабио Капело ќе биде отпуштен доколку „зборнаја“ не обезбеди учество на Европското првенство во Франција 2016.
– Во договорот на федерацијата со италијанскиот стручњак постои опција за прекин на соработката во случај на лоши резултати. А неучество на ЕП е лош резултат и може да се протолкува како прекршување на договорот, изјави претседателот на Рускиот фудбалски сојуз Николај Толшчик.
Русите во квалификациската група Г се на 3.место, имаат пет бодови помалку од водечката Австрија.
Сојузот поради финансиски проблеми на Капело му должеше неколку плати, од јуни минатата година. На почетокот од месецот му исплати шест милиони долари.