Зградата на Жупанискиот суд во Загреб утрово поради дојава за поставена бомба беше евакуирана, но по извршениот увид од страна на екипите за пиротехника е утврдено дека станува збор за лажна закана, пишува весникот „Вечерњи лист“.
Излегувањето на пиротехничарите на терен е стандардна процедура во вакви ситуации, па затоа сите расправи кои се одржувале во тој момент во судот биле прекинати, а вработените и посетителите во зградата биле замолени да ја напуштат.
Дојавата за поставена бомба била во девет часот и 20 минути, а само неколку минути пред тоа е одложен почетокот на судењето на претседателот на управата на унгарската нафтена компанија МОЛ, Жолт Хернади.
Тој е обвинет дека го подмитил поранешниот премиер Иво Санадер за да му ги отстапи управувачките права во хрватската компанија ИНА.
Денешната дојава за поставена бомба во загрепскиот Жупаниски суд не е прва, но досега сите се покажале лажни.