„Реакцијата на Министерството за транспорт и врски, на прес конференцијата на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, на која градоначалникот посочи дека атрактивна градежна парцела во градскиот парк во Скопје е продадена за само 40 евра по метар квадратен, содржи се’ освен одговор на главното барање – враќање на државното земјиште во владение на граѓаните и општината. Зошто општина Центар е единствената општина во Р. Македонија која го нема во владение ова земјиште?
Оваа одлука за враќање на земјиштето беше едногласно донесена во Советот на општина Центар, во февруари 2014-та и оттогаш од Министерството за транспорт и врски молчат и покрај ургенцијата што општината ја испрати до нив.
Ниту во денешната реакција, како и во текот на целата 2014-та година, не одговараат кога граѓаните на општина Центар ќе го добијат земјиштето.
Инаку, градоначалникот Жерновски не е против изградба на спортски терени, како што Министерството за транспорт и врски се обидува да го изврти јасниот став, но е против криминално раскрчмување на атрактивното градежно земјиште по багателни цени“, се вели во реакцијата на Општина Центар.