Во текот на минатата година вкупната вредност на размената на Македонија со странство изнесувала 12,2 милијарди американски долари. Извозот забележал раст од 15,6 отсто, а на увозот 10,3 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари – декември 2014 година изнесува 4.933.845 илјади американски долари, а на увозот 7.276.729 илјади американски долари. Покриеноста на увозот со извоз е 67,8 отсто. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2014 година, изнесува 2.342.884 илјади американски долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Лани од Македонија најмногу се извезувала кон земјите од ЕУ 76,6 отсто и во земјите од Западен Балкан 14 проценти. И во увозот најголемо учество имаат земјите од ЕУ со 63,5 проценти.
Според вкупниот обем на надворешно- трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија. Од вкупната надворешно-трговска развмена 51,7 отсто се врши со овие земји.